Кошаркарската федерација доби свој дом – СРЦ „Кале“ ќе биде центар на мак-баскетот

Претседателот на КФСМ Перо Антиќ, заедно со останатото раководство, не го криеја своето задоволство откако денеска и официјално ја добија на располагање големата сала од СРЦ „Кале“ кој ќе биде нов дом на македонската кошарка.

„Рековме дека нашата цел ќе биде развој на младинската кошарка. Тоа го ветивме и тоа го остваруваме. Конечно ќе добиеме своја сала со која што ќе стопанисуваме и ќе можеме да ја користиме за унапредување на нашите селекции. Ова е голем ден за нас бидејќи добиваме свој дом. Лично сум презадоволен што како федерација добиваме сала која ќе ни биде на располагање 24 часа, 365 дена во годината“, изјави претседателот Перо Антиќ.

Директорот Тодор Гечевски најави дека во новата сала ќе се посвети сериозна работа со младите кошаркари.

„Им благодариме на сите кои овозможија ова да се случи, КФСМ да доби сала на користење. Салата ќе се користи за развој на кошарката во младинските категории. Во текот на летово ќе имаме голем број активности со младите репрезентации, а потоа во текот на годината ќе се посветиме и на индивидуалната работа со младите кошаркари“, истакна Гечевски.