Раководството на американската професионална кошаркарска лига (НБА) денеска го суспендираше играчот на Милвоки бакс, Боби Портис на 25 натпревари (без плата), откако беше позитивен на тестот за лекови против болки трамадол, со што беше прекршена антидопинг програмата на лигата.
Суспензијата стапува на сила вечерва, на натпреварот против Лос Анџелес клиперс, а Портис нема да може да игра до 8 април, што ќе биде 79. натпревар за Милвоки во сезоната.
Неговиот агент Марк Бартелстејн рече дека Портис случајно го земал лекот против болки. Тој изјави дека кошаркарот мислел дека зема Торадол, кој е одобрен и кој претходно го консумирал.
Според него, Портис не сфатил дека зема трамадол, кој бил правилно пропишан, но се наоѓа на листата на забранети супстанции на НБА.
– Длабоко сум разочаран што НБА избра да ја толкува својата политика толку строго и што оваа практика не дозволува поинаков исход за искрена грешка со чиста намера. Боби сака да биде дел од НБА и сака да биде пример и вистински амбасадор на Бакс и градот Милвоки – изјави Бартелстејн.