Кош.мк и Три Стар подготвуваат документарен филм за „Литванија 2011“

Порталот Кош.мк и маркетинг агенцијата Три Стар, во соработка со КФСМ, Агенцијата за млади и спорт, Олимпискиот комитет и неколку комерцијални спонзори , се во завршна фаза од реализацијата на документарен филм, посветен на историскиот успех на македонската кошаркарска репрезентација.

Филмот е документација и сведоштво на дел од она што се случуваше пред, за време и по Еуробаскетот во Литванија 2011 година на кој Македонија ја шокира Европа и го освои четвртото место што и натаму е најголемо достигнување на еден наш национален тим во сениорска конкуренција. Снимањето на документарниот филм е по повод десетгодишнината од Европското првенство.

Во неговата реализација учествуваа голем број од тогашните членови на репрезентацијата (играчи и членови на стручниот штаб и медицинскиот тим), новинари од Македонија и Србија кои известуваа од лице место на настанот, навивачи кои ја бодреа македонската репрезентација, селектор на една противничка селекција, како и тогашното раководство на Федерацијата.

Планирано е филмот да ја доживее својата премиера кон крајот на септември за што дополнително ќе информираме.