Контроверзното претекнување на Хамилтон е „апсолутно во согласност со правилата“?!

Техничкиот директор на Мерцедес, Џејмс Алисон, денеска истакна дека шампионот во Формула 1 Луис Хамилтон постапил во согласност со правилата во текот на претекнувањето на Макс Ферстапен на трката за Големата награда на Велика Британија.

„Што се однесува до нас, маневрот кој Луис го изведе е апсолутно во согласност со правилата на Меѓународната автомобилска федерација (ФИА) кога станува збор за претекнувањата“, вели Алисон.

Како доказ за тоа, Алисон наведе дека Хамилтон потоа извел уште две претекнувања во трката почитувајќи ги истите правила, а „без притоа да направи контакт“.

Седумкратниот светски шампион победи во неделата на Силверстоун, а трката ја одбележа големиот инцидент во првиот круг во кој учествуваа Хамилтон и возачот на Ред Бул Макс Ферстапен.

Во борбата за првото место Хамилтон од внатрешна страна се обиде да го претекне Ферстапен, но дојде до контакт. Возачот на Ред Бул при голема брзина удри во заштитната ограда и трката беше прекината. Холанѓанецот веднаш беше одведен на прегледи, а Хамилтон доби казна од 10 секунди, но и покрај тоа победи.

Следната трка во шампионатот се вози на 1 август за Големата награда на Унгарија.