Контроверзниот Де Лаурентис и ветува пекол на УЕФА

Претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис, има намера да ја уништи УЕФА ако некој од членовите на неговата екипа се зарази во Барселона.

УЕФА одреди реваншите од осминафиналето во Лигата на шампионите да се играат во градовите на домаќините без оглед на пандемијата на коронавирусот, па така Наполитанците ќе гостуваат во жариштето на коронавирусот – Барселона, иако Де Лаурентис бараше да се игра во Португалија или Германија, каде што се играат завршниците од ЛЕ и ЛШ.

„УЕФА не слуша, не гледа и не зборува. Се надевам дека ништо лошо нема да се случи на натпреварот, бидејќи ако се случи, ќе и направиме пекол на УЕФА“, изјави првиот човек на Наполи.

Елиф Елмас и соиграчите на 8 август го играат реваншот против Барселона. Првиот меч во Неапол кој се одигра пред пандемијата заврши со резултат 1:1.

Инаку, Наполитанците вчера славеа против Лацио со 3:1 во последниот меч од Серија А, а претходно го освоија Купот и ќе играат во Лигата на Европа. Во Лигата на шампионите следната сезона ќе настапуваат само ако ја освојат оваа сезона.