КОМЕНТАР: Колку побргу се помириме со реалноста, толку подобро за нас: Со ваква иднина и ова е многу

Европскиот ракометен шампионат 2020 година за Македонија заврши. Веќе на сите ви е познато што и како се случи. Куферите се спакувани и се враќаме дома.

Македонската нација секоја победа и пораз ги сфаќа многу лично и емотивно, буквално се соживува, па за миг од еуфорија паѓа вп депресија. За тоа влијаат и социјалните мрежи каде што секој може да си каже што си мисли, чиста демократија.

Но луѓе ајде да бидеме реални, што побруг да се помириме со реалноста, толку подобро за нас. Убаво е што сонувавме и мечтаевме за втора фаза, па дури и за борба за медал, па Олимписки игри, но реалноста е нешто друго, а сакале или не мора да признаеме.

Онаа моќна Македонија која што на претходните шампионати се носеше со една Данска, Германија и други ракометни сили, па дури и освојуваше бодови е само минато и како што стојат работите ќе почекаме догледно време за нешто слично.

Да не се лажеме, во Македонија повеќе ги нема „тепачите“ Велко Маркоски и Ацо Јоноски која беа „алфа и омега“ во одбраната. Ги нема Филип Миркуловски и Наумче Мојсовски кои ги „реметеа“ одбраните на противниците. Ќе звучи смешно можеби за многумина, но на лев бек еден Филип Лазаров имаше поголем придонесе од едни негови сегашни имењанци.

Од толку многу надежи, се уште не се најде некој што ќе го одмори Кире Лазаров во напад на десната бековска позиција. Некогаш го имавме Влатко Митков кој сосема коректно одговараше на висината на задачата.

А за иднината и да не трошиме зборови, тешко нас ни се пишува. И најголемите оптимисти што негираа „Што ќе биде после Кире“, веќе самите тие ја употребуваат истата фраза.

За каква иднина збориме и за какво подмладување кога на ЕП 2020 бевме и постигнавме нешто благодарение на искусните „волци“ Кире Лазаров (39 години), Борко Ристовски (37), Никола Митревски (34), Стојанч Стоилов (32), Гоце Георгиевски (32), Никола Марковски (29), Жарко Пешевски (28), Дејан Манасков (27). Каде тука само селекторот виде подмладување кое толку многу го збореше.

Е сега направете си паралела, доколку овие погоре наведените ги тргнеме, што останува. Да бидеме реална, со ваква иднина и младина што останува и ова ни е многу. Се плашам да кажам, ама во иднина стравувам дека може и да го изгубиме континуитетот на пласман на големите натпреварувања.

Колку и да звучи брутално и болно, за жал ние во моментов сме една селекција од типот на оние балтичкит и источно европските селекции.