„Колку пари – толку музика“ – „своите“ му покажаа на Вардар каде е

Актуелниот европски првак и македонска гордост, Вардар периодов бележи лоши резултати какви што не памети од поодамна. Ова предизвика голем број критики и разочарувања од навивачите на „црвено-црните“.

Сепак ова слободно може да кажеме дека беше очекувано, да токму така. Тоа се најави и по Супер Глоуб и поразот од Кил. Иако вардарци започнаа со добри резултати во ЛШ, сепак како сезоната одминуваше, така проблеми почнаа да се нижат, а резултатите да паѓаат во негативна смисла.

Вардар по 10 одиграни кола во Лигата на шампионите е на 6. место на табелата и се доведе во опасност да стравува за пласман во следната фаза. Добро е што следи пауза за консолидација, во пресрет на пролетниот дел каде што ќе одигра уште четири кола, со Кил, Порто, Мотор и Монпелје.

Сепак сите ние, па највеќе и навивачите на клубот треба да бидат среќни што сега има по кого да критикуваат и негодуваат. Нормално, подобро да има клуб, отколку да нема какви што беа најавите во мај од првиот човек на клубот.

Дека сезонава ќе биде тешка, на многумина и беше јасно. Второ лето по ред од клубот следеше егзодус на заминувања на клучните играчи, притоа не беа донесен замени, а и тие што дојдоа се далеку од адекватни.

Она што прво боди во очи е голманската позиција. Гедбане е далеку од тоа да биде и втор голман, а не ли пак прв. Кугис беше донесен како негова алтернатива, но не се прослави нималку. Во Вардар видоа дека ја утнаа работата, па во „оган“ фрлија два млади домашни голмани, Кизиќ и Гогов кои ако не подобро, барем бранат на нивото на двајцата интернационалц.

На лево крило повторно Дибиров е без замена иако беше донесе Димитриовски. Во недостаток на лев бек, Русинот некои мечеви играше и на неприродна позиција. Е левите бекови се приказна сами по себе. Горбок и Дисингер се „вечно“ повредени. Двајцата ракометари не можат да врзат повеќе од два натпревари, а да не се повредат. Не беше донесен нов лев бек кој ќе го надополни заминувањето на Борозан.

На среден бек е Скубе кој игра одлично и е една од најсветлите точки. Низа натпревари одигра како единствен бек во тимот и на свој грб го понесе целиот товар. Неговата алтернатива, Атман е далеку од некогашната форам. И тој постојано се мачи со повреди и никако да фати ритам.

На десен бек остана Кристопанс, замената Де Толедо се повреди уште пред да почен сезоната. Малерот да биде поголем,се повреди и Летонецот, па лев бек немаше ни за лек. Принудно мораше Чупиќ, а десно остана Шишкарев.

Пикерската позиција претрпе најголема измена. Пристигнаа Горпишин и Сикоше Пелко кои се покажаа дека не се за во Вардар. Ситуацијата ја спасуваше Калараш кој од специјалист за одбрана, мораше да игра и напад се додека Стоилов не се врати на теренот по операцијата.

Се на се, останува целокупниот впечаток дека на Вардар му требаа уште три до четири играчи во ростерот за новата сезона. На сето тоа кога ќе се додаде дека се случија низа повреди, буквално Вардар играше со најтенок ростер од сите екипи во ЛШ.

Но како велат, колку пари – толку музика, па така нема што да се замери тука.

П.С. Судбината сакаше токму своите поранешни играчи (Манасков, Штербик, Мораеш и Борозан) од Веспрем и (Карачиќ, Душебајев) од Кјелце да му покажат на Вардар каде е во моментот и колку недостигаат тие.