Кокшаров: Ја исполнивме нашата цел

Петкратниот победник во СЕХА Газпром лигата, екипата на Вардар сезонава ќе игра директно во четврт-финалето, и за задржување на првото место потребни се најмалку три бода од следните две средби.

Првиот од двата последни натпревари во групната фаза го играме во понеделник, 9 декември во 201,15 часот во СЦ „Јане Сандански” против Татран од Словачка.

Во моментов Вардар е првопласиран на табелата со 21 бод, три повеќе од Мотор Запорожје. Во случај на ист број бодови, „црвено-црните” ќе бидат првопласирани поради подобрата меѓусебна гол разлика. Во сите досегашни девет сезони на СЕХА лигата, вардарци секогаш играле на Ф4 турнирот.

„Ја исполнивме целта и се пласиравме во четврт-финалето. Нашата цел беше и да бидеме први во групата. До крајот на групната фаза имаме уште две средби и потребно е да освоиме три бода и сметам дека можеме да го направиме тоа. Во моментов тоа е нашата цел и очекувам да ја исполниме”, изјави Едуард Кокшаров, тренерот на Вардар.

Средбата против Татран е последна за оваа година за Вардар на домашен терен, а претпоследна во СЕХА со оглед на тоа што останува уште гостувањето кај тимот на Нексе.

„Ова ни е последниот натпревар годинава на домашен терен. Сакаме да го дадеме нашиот максимум на оваа средба и со победа да ја завршиме оваа година на домашен терен. Ние секогаш одиме да го дадеме максимумот и да се дојдеме до нов триумф за првото место во групата”, вели Димитар Димитриоски, левото крило на Вардар.

Натпреварот против Татран се игра в понеделник од 20:15 часот.