Која е димензијата на Вашите гуми?

Зимата е период кога го опремуваме нашиот автомобил со зимски гуми. Доколку имаме зимски гуми ги менуваме летните со зимски, а доколку немаме најчесто се одлучуваме да купиме нови зимски гуми.

Но, какви гуми треба да купиме?
Што треба да кажеме кога ќе отидеме во салон за гуми или се јавиме на телефон за да прашаме за нови гуми?
Прашањето најчесто е: Која е димензијата на Вашите гуми?

Заедно со Hankook одговараме на тоа прашање, и што всушност тој одговор значи.

Едни од најчестите димензии се 195/65 R15 и 205/55 R16, но без разлика, секоја димензија е најчесто дефинирана во истиот формат.

Нашата димензија за пример ќе биде 195/65 R15 – тоа значи дека нашиот автомобил може да се опреми со гуми 195/65 R15.

Значењето на бројките во димензијата на гумите е следно:

195 – е ширината на нагазната површина на гумите изразена во милиметри

65 – е профилот на гумата, односно нејзината висина и претставува процент од износот на ширината на гумата, односно во случајот 65% од 195mm што е еднакво на 126.75mm.

R – означува дека станува збор за радијална гума, односно гума со радијална изработка. Но бидејќи скоро сите гуми за патнички возила се радијални, вообичаено се изоставува при нашиот одговор на прашањето.

15 – е всушност дијаметарот на бандажот за кој гумата е наменета и може да се монтира. Се изразува во инчи.

Како што е прикажано на сликата, по овие бројки, следат индексите за тежина и брзина. Не се дел од самата димензија, но се важни бидејќи означуваат карактеристики на гумата во однос на тоа колку товар може да носи и која е максималната безбедна брзина која можете да ја постигнете со Вашето возило кога станува збор за можностите на самата гума .

91Т – 91 означува дека гумата може да издржи тежина од 615kg поединечно, а Т означува дека може да издржи брзини до 190km/h.

Следната недела: Што означуваат тежинскиот и брзинскиот индекс на Вашите гуми?