Кои македонски кошаркари заслужуваат да им биде повлечен бројот од своите клубови?

Вчера во Пиреја му беше укажана голема чест на Василис Спанулис откако Олимпијакос одлучи да го повлече од употреба дресот со број 7 кој легендарниот грчки плејмејкер го носеше додека активно играше кошарка.

Вакви манифестации не се чести во европската кошарка, за разлика од НБА каде секоја франшиза има по неколку повлечени броеви во чест на своите легенди. Од друга страна, тоа го отвори прашањето дали постојат и македонски кошаркари кои оставиле толкава трага во овдешните клубови за да добијат ваква почест.

Досега, во Македонија, повлечен е само еден број и тоа 13. на Работнички во чест на Благоја Георгиевски Буштур. Клубот од Градски парк тоа го направи постхумно, неколку месеци откако легендарниот кошаркар го загуби животот во сообраќајна несреќа, но далеку од начинот на кој заслужуваше еден од најголемите во историјата на македонската кошарка. Немаше официјална церемонија, во Градски парк нема дрес кој е подигнат под сводовите, туку имаше само кратко соопштение дека бројот 13 повеќе нема да се користи во Кошаркарскиот клуб Работнички.

Во овие три децении, низа македонски кошаркари забележаа блескави кариери, но малкумина од нив тоа го направија во домашните клубови. Петар Наумоски и Перо Антиќ почнаа во Работнички, но се прославија во странство и малку време поминаа во Градски парк, Владо Илиевски почна во Неметали Огражден за потоа да заигра во голем број европски гиганти, Врбица Стефанов и Тодор Гечевски стартуваа во Тиквеш, играа во уште неколку домашни екипи, но и тие, својот имиџ го стекнаа надвор од границите на Македонија. Истото важи и за Војдан Стојановски кој пред да се врати во МЗТ, играше само за Вардар и Амак СП во земјава.

Од оние малкумина кои одлучија кариерите да ги градат во Македонија, а притоа остварија големи успеси, има такви кои станаа легенди на своите клубови и освоија низа трофеи.

На прво место Дамјан Стојановски кој не го следеше патот на својот брат близнак и во странство помина само две сезони (2010-12), во редовите на бугарскиот Лукоил Академик. Затоа, член на МЗТ Скопје е од 2012 година, со една сезона пауза поради повреда. Во тој период, Дамјан освои осум титули во домашното првенство, осум во Купот на Македонија, три пати беше прогласуван за МВП на Купот и четири во финалето од плејофот, а долги години ја предводеше екипата во АБА лигата. Клупски рекордер е по бројот на одиграни натпревари, постигнати поени, освоени трофеи, сезони во клубот… и нема дилема дека следниот ден по завршувањето на неговата кариера, дресот со бројот 19 треба да биде подигнат под сводовите на „Јане Сандански“.

Навивачите на МЗТ Скопје со големо задоволство се сеќаваат на легендите од сезоната 1996/97 кои го совладаа Реал Мадрид, пред се Перо Блажевски кој ги погоди решавачките слободни фрлања, но тој беше член на МЗТ Скопје само пет сезони, без да освои шампионска титула со клубот од Градски парк.

Почест заслужуваат и поранешните кошаркари на Работнички, Тони Симиќ, Горан Веселиновски и Јорданчо Давитков. Првите двајца поминаа по 12, а Давитков вкупно 14 сезони во Градски парк и притоа освоија еден куп трофеи. Веселиновски е трет најтрофеен играч во историјата на Работнички со девет шампионски титули, но е рекордер по број на освоени титули со еден клуб бидејќи сите му се во дресот на Работнички. Еден пехар помалку има Симиќ кој 12. сезони во овој клуб ги подели во три “мандати“, додека Давитков дојде како 21-годишно момче во Работнички, играше во југословенското првенство, а потоа беше капитен во освојувањето на првите шест шампионски титули од осамостојувањето на Македонија. Во нивна чест, Работнички би требало да ги повлече броевите 5, 8 и 11.

За ваква чест треба да размисли и Кошаркарската федерација бидејќи во овие три децении, голем број македонски легенди го носеа дресот на националниот тим. Пред се, оние од четвртиот пасус на овој текст, а во секој случај и речиси сите од „генерацијата 2011“, како и неколку натурализирани кошаркари.