Кочов доби нов помошник, но и ново засилување во МЗТ Скопје

Македонскиот кошаркарски репрезентативец Андреј Маслинко (23 год, 208 см) и следната сезона ќе го носи дресот на МЗТ Скопје Аеродром, откако го продолжи на уште една година договорот со нашиот клуб.

За талентираниот крилен центар ова ќе биде четврта сезона во Аеродром, каде што првпат дојде во август 2017 година. Маслинко беше дел од тимот што стана шампион во 2019 година, како и што дојде до пехарот во Купот на Македонија една година претходно.

Минатата сезона се наметна како еден од најважните играчи во составот предводен од Ѓорѓи Кочов, поради што од него се очекуваат уште подобри игри во сезоната која ни претстои.

Од денеска и официјално нов член на МЗТ Скопје Аеродром е уште еден перспективен висок кошаркар и тоа Филип Бакоч (24 год, 206 см), кој потпиша едногодишен договор со нашиот состав. Крилниот центар во февруари годинава првпат беше дел од подготовките на националниот тим на Македонија, но не доби шанса за настап на средбите против Естонија и Русија. Доаѓа од тимот на Еуроникел, а има играно уште и во АВ Охрид и во Карпош Соколи, со кој има настапи и во АБА и БИБЛ лигите.

Засилување има и за нашиот стручен штаб, кој од денеска е посилен за доскорешниот тренер на Вардар, Дарко Радуловиќ, кој во иднина ќе ја има функцијата помошник на првиот стратег Кочов. Станува збор за поранешен кошаркар на МЗТ Скопје Аеродром од сезоните 2006/07 и 2008/09, кој во играчката кариера настапуваше уште и за Никол Ферт, Поло Трејд, Тоа сум јас, Фени индустри, Кожув, Куманово и Вардар, каде што во последните скоро пет години работеше прво како асистент, а потоа и како прв тренер.

Претходно, договорот го обновија капитенот Дамјан Стојановски и тренерот Кочов, а под обврска од минатата сезона се и Андреј Магдевски и Бојан Крстевски.