Клементе: Јамал е премлад, физички неподготвен и постои ризик да се повреди!

Поранешниот селектор на Шпанија, Хавиер Клементе изјави дека тој не би го водел 16-годишниот тинејџер на Барселона, Ламине Јамал на Европското првенство (ЕП) бидејќи е премногу млад и физички неподготвен за таков вид на фудбал и е изложен на ризик од повреда.

Јамал, кој само една сезона игра во сениорскиот фудбал, утре би можел да настапи на мечот против Хрватска на првиот натпревар на ЕП.

– Искрено, јас не сум за тоа. Тоа е мое мислење. Не сакам да се мешам во критериумите на селекторот Луис де ла Фуенте, но јас не би го направил тоа со 16-годишен играч, изјави 74-годишниот Клементе.

Клементе, кој ја предводеше Шпанија од 1992 до 1998 година, рече дека би ги прашал лекарите „дали може да гарантираат дека толку млад играч може да ги издржи жестоките стартови и дали е физички подготвен“ за такви натпревари.

Клементе предупредува дека момчињата кои сè уште растат се изложуваат на посериозни повреди во дуелите со физички посилни и постари играчи, што може да ги оштети нивните колена.

Клементе рече дека за време на неговото селекторување имал сличен случај со младиот напаѓач на Реал, Раул Гонзалес, кој по квалитет ги надраснал врсниците.

– Раул, сепак, отиде во младата репрезентација (до 21 година), бидејќи напорите таму се помали отколку во сениорската репрезентација. Тој порасна, зајакна и стекна искуство.

Многумина ме критикуваа што веднаш не го повикав во сениорската репрезентација, но фала му на Бога што не го сториив тоа. Тој ја заврши играчката кариера на 34 години без никакви повреди, рече тој.

Ламине Јамал има корени од Екваторијална Гвинеја, роден е во каталонскиот град Есплугес де Лобрегат, а лани од младинскиот му се приклучи на првиот тим на Барса.

Тој воопшто не играше за шпанската репрезентација до 21 година, но селекторот Де ла Фуенте во септември го повика во сениорската репрезентација. Оттогаш, тој забележа седум настапи и постигна два гола.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО