Кјелце по пет години го освои Скопје, Душебаев нерешлива енигма за Вардар

Вардар вечерва загуби од екипата на Кјелце на домашен терен со 29:33. Ова е прва победа на полскиот тим против нашиот шампион во Скопје по 2015 година.

Вардарци на моменти покажаа дека можат да го надиграат Кјелце, но на крајот сепак полскиот тим успеа да се радува на победата.

Двократниот европски првак имаше добар почеток на натпреварот, до половина од првиот дел имаше иницијатива, но се потоа до крајот на полувремето мина во знакот на Кјелце кој успеа да направи пресврт и го наметна своето темпо. Кјелце со брзи напади и со расположениот Волф успеа да дојде и до четири гола разлика, а на полувреме се замина со 13:16 во корист на гостите.

Избраниците на Алушовски фуриозно го стартуваа вториот дел од натпреварот, направија и серија од 5:1, а тоа доведе и до предност од 22:21 во еден момент. Но, Вардар не успеа да искористи еден напад за зголемување на предноста, па Кјелце предводен од некогашниот вардарец Алекс Душебаев почна да ја полни мрежата на нашиот тим за на крајот да слави со конечни 29:33.

И покрај тоа што Вардар не дојде до победа, Тимур Дибиров успеа да стигне до историски подвиг. Имено, вардаровото крило стана петтиот играч во историјата на ЛШ со најмалку 900 погодоци. Јотиќ беше најефикасниот во редовите на домашната екипа со шест гола, а го следеа Чупиќ и Дибиров со по пет. На спротивната страна доминираше Душебаев со 10 погодоци.