Кике Сетиен: До вчера шетав крави во село, а сега ги тренирам најдобрите играчи на светот

Новиот тренер на Барселона Кике Сетиен денеска ја имаше својата промоција на „Камп Ноу“ и имаше можност да се обрати до медиумите.

Тој истакна дека ни во најлудите сништа не можел да замисли деа еден ден од клупата ќе ја предводи Барселона.

„Ниту во најлудите сонови не можев да си замислам дека ќе бидам тука. Ова е многу посебен ден за мене и сакам да им се заблагодарам на сите кои ме избраа. Исклучително сум возбуден поради овој предизвик. Ќе се обидам своето воодушевување и желба да ги пренесам на играчите“, изјави Сетиен и додаде:

„До вчера шетав крави во моето село, а денеска во Барселона ги тренирам најдобрите играчи на светот. Со Валверде секогаш сум имал добар однос, тој е коректна личност, ја ценам работата која ја правеше, неговите принципи. Можеби поразот во Суперкупот имаше свои последици, но работата која Валверде ја работеше и каков тим остава е за благодарност. Разговарав со играчите, имавме прв контакт и предиспозициите се извонредни. Сигурен сум дека брзо ќе се прилагодиме, бидејќи многу работи кои ќе ги бараме од нив тие веќе ги познаваат“, порача Сетиен.

Тој јасно ја порача својата цел, но и начинот како да дојде до истата, а тоа е преку офанзивна и атрактивна игра по која е препознатлив тој, но и Барселона.

„Мојата цел е да се освои се што може да се освои. Немам друг начин секоја година да се подобрувам и да освојувам трофеи освен да играм добро. Најдобриот начин за победа е да се игра добро“, додаде новиот тренер на Барселона, кој често во минатото беше критикуван дека повеќе се осврнува на стилот на игра и атрактивноста, отколку на резултатите.

Лионел Меси, кој повеќе од една деценија е лидер на овој тим, и понатаму го има главниот збор на теренот.

„Веќе реков, не само на него. Немам проблем да кажам дека уживав последните 12 или 14 години седејќи пред телевизорот и гледајќи ја оваа екипа и овие играчи. Уживав во фудбалот. Денеска почнувам да го тренирам најдобриот играч на светот и неговите соиграчи. Се уште не сум свесен што тоа значи, но му кажав и на него и на другите: Едно е воодушевувањето кое го имам кон вас, Меси е Меси, Бускетс е Бускетс, Пике е Пике, но секој мора да си го знае своето место. Ќе видите дека сум директна личност, не одам по облаци и ќе се обидам да изнесам нешто што ќе го видам. Талентот и квалитетот се присутни“.

Сетиен е склон кон убава и атрактивна игра, но исто така и кон промени на системот.

„Имам своја идеја за овој клуб, тим и играчи, но додека не се обидете да ги спроведете во дело не знаете колку далеку можете да стигнете. Се беше брзо и се е ново. Многу работи има кои треба да се анализираат и да се перцепираат преку тренинг и игра, но разговаравме и добивме информации. Она што најмногу ќе го ценам ќе биде перцепцијата за она што го гледам и разговорите кои ќе ги водам со мојот стручен штаб. Ќе следуваат низа промени. Многу работи ни се јасни, но моментално ги ставаме под наводници. Што се однесува до младите играчи, мислам дека во овој клуб тоа е извонредно. Имам предиспозиција да ги користам така што оние „горе“ да не се опуштаат. Тоа е пораката која секогаш ја испраќам. Ако навистина напредуваат и заслужуваат, тогаш можат совршено да играат во првиот тим и да бидат рамноправни“.

Кике Сетјен дебитантскиот настап како тренер на Барселона ќе го има в недела кога на програмата е натпреварот со Гранада на „Камп Ноу“. Каталонците во овој момент го делат првото место со Реал во Примера, додека во осминафиналето од Лигата на шампионите ги очекува двомеч со Наполи на 25. февруари и 18. март.