Што и да се случи во иднина, Емил Рајковиќ ќе остане запишан како најуспешен тренер во историјата на Македонија и на македонската кошарка бидејќи од лани е тренер на осумкратниот европски првак ЦСКА.
За некој да го помине, треба да стане тренер на Реал Мадрид кој е единствен поуспешен од рускиот клуб во Евролигата, со 11 трофеи. Такво нешто е речиси неверојатно, но секако не е недостижно самиот Рајковиќ еден ден да го преземе шпанскиот клуб со оглед на неговиот метеорски подем последните години.
Македонецот не само што веќе има висок рејтинг во европската кошарка, туку има две признанија за најдобар тренер во ВТБ лигата со што не можат да се пофалат ни многу потрофејни стручњаци од него. За жал, ја нема поддршката од раководството на ЦСКА што најдобро можеше да се забележи во периодот меѓу двете сезони.
Откако минатата натпреварувачка кампања несреќно загуби од Локомотив Кубан во полуфиналето од ВТБ плејофот, Рајковиќ сега има далеку полош тим од ланскиот бидејќи ЦСКА дозволи да си заминат најдобрите играчи, а не најде соодветна замена за нив. Си отидоа Никола Милутинов, Алексед Швед, Дејан Давидовац, Далас Мур, Девонте Кук и Артјом Коломов, а ангажирани се Тонје Џекири, Мело Тримбл, Амат Мбаје и Никола Михајловски. Практично, си замина цела почетна постава, а за разлика од ривалите кои соодветно се засилија, ЦСКА остана со просечен тим.
За тоа најдобро сведочи настапот во ВТБ Суперкупот каде московскиот тим го освои дури шестото место, а ќе биде изненадување ако ЦСКА успее да ја освои шампионската титула оваа сезона. Јасно е дека е намален буџетот, но се чини дека раководството на клубот прави се за да се раздели со Рајковиќ кој има уште една година од договорот.
Од овие причини, би било еднакво на сензација ако Рајковиќ ја издржи цела сезона на клупата на ЦСКА. Ако во вакви услови, пак, успее да ја освои титулата, треба да добие добра награда.