Катастрофално прво полувреме, Вардар убедливо загуби од Кил среде Скопје

Актуелниот европски првак, екипата на Вардар, доживеа убедлив пораз на домашен терен од бундеслигашот Кил со огромни 20:31.

Вардарци доживеаја дебакл во „Јане Сандански“, особено по првото полувреме, можеби и најлошото што некоја екипа го одиграла во Лигата на шампионите, особено кога станува збор за актуелен европски првак или носител во групната фаза.

Вардар за цело едно полувреме успеа да даде само четири гола! Притоа Кил ја наполни мрежата и на полувреме замина со 16 постигнати погодоци. По првите 30 минути беше јасно дека Вардар ќе доживее убедлив пораз, а на крајот не помогна ниту фактот што Вардарци го добија второто полувреме со 16:15, бидејќи катастрофалниот резултат од првото полувреме беше невозможно да се надополни, а на крајот поразот сепак беше и повеќе од убедлив.

Вардарци цели 11 минути чекаа на првиот погодок на натпреварот со Кил. Избраниците на Писонеро промашуваа од секоја позиција, а по промашениот пенал на Дибиров и зицерот од контра на Скубе, Чупиќ конечно успеа да го скрши мразот со удар од седум метри.

Уште девет минути потоа траеше новата црна серија на Вардар, а Кил на спротивната страна ја полнеше мрежата. Вардар ја искрши стативата, а непремостлива пречка беше и Никлас Ландин. Првиот гол од игра Вардар го постигна дури во 20 минута преку Криштопанс, а до крајот само уште Шишкарев успеа да погоди од иста ситуација, за огромни, катастрофални и шокантни 16:4 на полувреме за Германците.

Одбраната на Кил делуваше перфектно и функционираше беспрекорно во првото полувреме, а тоа доведе до формално завршување на обврските во второто полувреме. Вардар одигра многу подобро во вториот дел, како во нападот, така и во одбраната. Кил на некој начин и го понижи Вардар во второто полувреме, бидејќи бундеслигашот си вежбаше напад 7 на 6, па по неколку нивни грешки Вардар успеа да дојде до лесни погодоци.

Но, тоа можеше скапо да ги чини гостите, бидејќи Вардар во 49. минута дојде и на само пет голови негатива. Сепак, наместо тој моментум да го искористат ракометарите на Вардар, Кил се консолидираше и дојде до убедлива победа на крајот од 31:20.

Дибиров беше најефикасен во редовите на Вардар со шест погодоци, а Криштопанс постигна четири. Пекелер беше најдобар поединец на Кил и на натпреварот со осум гола, а Дувњак додаде шест.

По четири кола Вардар има шест бода и му го препушти лидерското место на својот денешен ривал. Во следното коло Вардар повторно ќе има тешка задача бидејќи гостува во Унгарија кај екипата на Веспрем.