Касиљас повторно е сам: Икер и Сара Карбонеро се разделија!

Легендарниот шпански голман и новинарката Сара Карбонеро се разведуваат, објавија медиумите на Пиринејскиот полуостров.

Според нив, Икер Касиљас ја напуштил семејната куќа пред неколку недели и двојката повеќе не живее заедно. Не се соопштени детали, но наводно, Икер и Сара имале големи несогласувања поради што некогашниот голман на Реал си заминал.

Двојката беше во брак пет години, но заедно беше од 2010 година и имаше две деца. Својата врска ја обелоденија по финалето на Светското првенство во Јужна Африка кога Шпанија ја освои првата титула во својата историја, а Касиљас ја бакна Карбонеро додека таа му земаше изјава.

Додека беа заедно, двајцата имаа тешки здравствени проблеми. Касиљас доживеа инфаркт за време на тренинг додека беше член на Порто и поради тоа беше принуден да ја заврши кариерата, а Сара имаше рак на јајниците, но успешно се излекува.