Канаѓаните го откачија Ѓоковиќ: Или вакцина или ништо од турнирот

Мастерсот во Монтреал почнува на 8 август, но како што сега стојат работите, Новак Ѓоковиќ нема да учествува на него иако се наоѓа на листата на пријавени тенисери.

Директорот на турнирот Ежан Лепјер ја отфрли можноста да му се дозволи настап на Србинот без да се смени некој од условите кои важат во моментов.

„Ситуацијата е јасна – или Канада ќе ги промени правилата по прашање на вакцинацијата или Ѓоковиќ ќе мора да го крене ракавот и да прими вакцина. Во моментов не сметам дека кое било од овие две сценарија е возможно“, изјави Лепјер за Торонто Сан.

Во приказната се вклучи и канадскиот министер за здравство Жан Ив Дукло кој порача дека правилата важат за сите, па и за Ѓоковиќ. Ако нема драстични промени, тој нема да игра ни на УС Опен кој почнува на 29 август.