Како Лампард го убедил Вернер да го одбие Ливерпул и да се пресели во Челзи?

Тимо Вернер, големото засилување на Челзи за новата сезона, признава дека пред потписот за „Сините“ преговарал со Ливерпул.

„Црвените“ во своите редови сакале да го видат одличниот германски напаѓач, но на крајот пресудиле убедувачките способности на Френк Лампард.

„Преговарав со други клубови, како што е Ливерпул“, изјави Вернер кој од РБ Лајпциг на „Стемфорд Бриџ“ пристигна за 53 милиони евра.

По ова Вернер ги откри деталите како всушност Лампард го наговорил да ги одбие сите други и да дојде во Челзи.

„Лампард постојано ми се јавуваше, ми испраќаше многу пораки и фотографии да ми покаже како сака да ме користи и каков стил на игра сака. Ми даде визија за својот систем“, додаде германскиот репрезентативец.

Вернер за Челзи официјалното деби го забележа пред неколку дена против Брајтон, но за својот прв гол во новиот клуб ќе мора да почека до следниот натпревар.