Јунајтед го најде наследникот на Солскјер: Прво ќе биде тренер, а потоа советник

Германскиот стручњак Ралф Рангник ќе биде новиот тренер на Манчестер Јунајтед, кој ќе ја преземе клупата на „Ѓаволите“ привремено, објави денес на Твитер, Дејвид Онрстејн, новинарот на угледниот „Атлетик“ кој е добро упатен во случувањата на „Олд Трафорд“.

„Јунајтед успеа да постигне договор со Ралф Рангник и тој ќе биде привремениот тренер на екипата. Потпиша договор на шест месеци, плус две години кои ќе ги одработи како советник во клубот. Се чека одобрување од Локомотив Москва, а Рангник нема да добие работна дозвола на време за да може да го води тимот веќе за викендот против Челзи“, напиша Орнстајн.

Рангник до крајот на оваа сезона ќе го наследи Оле Гунар Солскјер кој минатата недела доби отказ. Рангник ова лето пристигна во Москва каде работи како генерален менаџер за спорт и развој во Локомотив, а пред тоа беше клучниот човек во фудбалскиот проект на Ред Бул. Од 2012 година беше спортски директор на РБ Лајпциг и Ред Бул Салцбург, а во германскиот тим стана и тренер во 2015 година. Под негово водство клубот влезе во првата Бундеслига, а во 2018 година повторно ја презеде клупата на тој клуб.

Година дена подоцна стана шеф за развој на Ред Бул на светско ниво, а особено се фокусираше на Њујорк Ред Булс и бразилскиот Ред Бул Брагантино. Под негов надзор Њујорк освои три трофеи, а Брагантино влезе во бразилската Серија А.

Покрај Ред Бул, каде беше алфа и омега во секоја смисла, почнувајќи од тренерска, па се до менаџерска улога, Рангник работеше и во Штутгарт, Хановер, Шалке и Хофенхајм. Хофенхајм успеа да го внесе во втората, а потоа и во првата Бундеслига, а со Шалке се пласираше во полуфиналето од Лигата на шампионите, а успеа да ги освои Купот на Германија, Лига Купот и Суперкупот.

Рангник се смета за основоположник на популарниот „Гегенпресинк“ стил на игра, а Томас Тухел, Јулијан Нагелсман, Ралф Хасенхутл и Јирген Клоп го посочуваат него како нивни тренерски идол и идеолог.