Јапонски професор тврди: Олимписки игри нема да има ниту следната година!

Јапонскиот професор за инфективни болесто Кентаро Ивата денеска изјави дека е песимист и дека не верува дека Олимписките игри во Токио ќе се одржат за 15 месеци.

„Да бидам искрен, мислам дека Олимписките игри нема да се одржат ни следната година. За одржување на Игрите потребни се два услови – коронавирусот да биде под контрола во Јапонија и коронавирусот да биде под контрола секаде низ светот“, изјави Ивата, професор на Универзитетот Кобе.

Извршниот директор на организацискиот одбор на ОИ Тоширо Муто изрази сличен став пред десет дена. По ова организацискиот одбор и Меѓународниот Олимписки комитет изјави дека не постои „план Б“ освен да се подготвуваат за Игрите кои би требало да почнат на 23 јули 2021 година.

„Навистина сум песимистичен кога станува збор за одржувањето на Олимписките игри, освен ако не се одржат во сосема поинаква структура – без публика или со многу ограничено учество“, изјави Ивата.