Изненадување на Кипар, Омонија ја исфрли Црвена Звезда од ЛШ

Црвена Звезда вечерва на Кипар и гостуваше на Омонија на „ГСП“ стадионот во рамките на третото квалификациско коло од Лигата на шампионите и испадна по изведувањето на пенали.

Српскиот шампион на Кипар пристигна како голем фаворит, а на крајот избраниците на Дејан Станковиќ не успеаја да го оправдаат тоа.

Гостите подобро го отворија мечот, создадоа неколку шанси, но домаќините сепак први дојдоа до гол. Корнер изведе Гомез во 31 минута, а топката со доста среќа во гол ја смести Чехот Михаел Луфнер.

Белграѓани и по примениот гол продолжија да создаваат шанси, а кога се мислеше дека на полувреме ќе се замине со предност на Кипраните, Иваниќ погоди по асистенција на Бен.

Во второто полувреме следуваше пад на темпото на игра. Беше видена голеам борба на средината од теренот, а шанси речиси да немаше. По 90-те регуларни минути беа играни и две продолженија, кои беа идентични како второто полувреме – без шанси и доста борба.

Откако ниту по 120 минути игра немаше решавачки погодок, се пристапи кон изведување на пенали, а на крајот од пенал лотаријата поуспешни беа домаќините кои по промашувањето од белата точка на Фалчинели и Дегенек се пласираа во плеј-офот од ЛШ.

Од друга страна, Црвена Звезда, која две сезони во низа игра во групната фаза од ЛШ, ќе оди во плејофот за Лигата на Европа и ќе се обиде да дојде до второто по квалитет натпреварување во Европа.