Избор во ОКСМ: Силната програма на Даниел Димевски води до олимписки медал!

На 28 октомври, Олимписки комитет на Северна Македонија ќе го бира новиот претседател, втор по формирањето на оваа институција, во 1992 година. Единствениот досега беше Васил Тупурковски кој по 28 години заминува од функцијата.

На два дена пред изборот, има двајца кандидати: поранешниот претседател на Кошаркарската федерација на Македонија, Даниел Димевски и актуелниот претседател на Атлетската федерација на Македонија, Александра Војнеска Зикова.

Војнеска Зикова е три децении присутна на македонската спортска сцена, ги минала сите хиерархиски скалила и раководни структури, двократен учесник е на Олимписките игри и тоа во 2004 како спортист, а во 2012 година како тренер. Иако одамна не е активна спортистка, и натаму е државен рекордер на 100 и 200 метри и една од најдобрите атлетичарки во историјата на Македонија.

Кандидатот за претстедател на ОКСМ, Даниел Димевски ја докажува својата релевантност како спортски работник и според добиените бројни награди и признанија.

Димевски го поседува највисокото државно признание – Златен медал – Орден за заслуги за Македонија за промоција на државата од областа на спортот доделен од Претседателот Ѓорге Иванов. Добитник е и на признанието „Спортски работник на денецијата“, а додека беше претседател на КК Работнички, клубот беше 4 пати прогласуван за најдобар спортски клуб. Под негово раководство кошаркарската федерација два пати беше прогласувана за најдобра национална спортска федерација.

За својот учинок во ФИБА Европа, добитник е на престижното признание „ФЕР ПЛЕЈ“, како и признание за исклучително успешно раководење со натпреварувачката комисија на ФИБА Европа.

Факултетот за општествени науки во Скопје му додели титула „Honoris Causa“ за посебни заслуги и промоцијата на спортот.

Во пошироката македонска спортска јавност, Даниел Димевски е попознат поради најголемиот успех во домашниот екипен спорт – четвртото место на кошаркарската репрезентација на Европското првенство во Литванија во 2011 година, кога тој беше претседател на Федерацијата. Во неговиот мандат, Македонија учествуваше на четири Европски првенства во низа. Претходно беше претседател и на Кошаркарскиот клуб Работнички со кого за пет години освои четири титули во домашното првенство. Во 2014 година беше и кандидат за претседател на ФИБА Европа, но во финалниот избор загуби од се уште актуелниот вршител на оваа функција. Димевски е дипломец на Економскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, а магистрирал на Правниот факултет на истиот Универзитет, на отсекот за меѓународно право, политика и дипломатија, а член на МОК е од 2012 година.

За спортистите и љубителите на спортот е многу поважно што планираат да направат двајцата кандидати за претседател на ОКСМ ако бидат избрани за наследници на Тупурковски.

Програмата на Димевски се заснова на пет столба од кои најважен е проектот „Олимписки медал“. Од осамостојувањето, Македонија има само едно олимписко одличје, освоено во Сиднеј 2000 кога борачот Могамед Ибрагимов го освои третото место.

Зад неговата Програма ќе стои силен и ефикасен Управен Одбор составен од докажани компетентни луѓе и реномирани компании кои се гаранција за успехот во реализацијата на зацртаните цели и задачи. Согласно Статутот, Управниот одбор ќе биде надграден со мнозинство од олимписките Национални спортски федерации. Прв тест за планот и програмата на Димевски веројатно ќе бидат Олимписките игри во Токио идното лето, ако повторно не бидат одложени поради пандемијата со корона вирусот.

Во својата обемна програма, Димевски како претседател на ОКСМ планира изградба на Олимписки дом кој ќе биде во функција и за потребите на сите национални спортски федерации, Националниот параолимписки комитет и воопшто на целото олимписко движење во нашата држава. Уште еден значаен проект во оваа програма е и изградбата на олимписки спортско-медицински центар каде ќе се применуваат најсовремени методи и технологии за физичка подготовка на спортистите.

ОКСМ за време на мандатот на Димевски планира да го опреми и стави во функција легендарниот спортски центар Партизан 4 во Карпош, а во програмата постои план за изградба и опремување на Олимписки Музеј, клуб и парк на олимпизмот.

Дека навистина програмата на Даниел Димевски е креирана да го стимулира развојот на спортот, младите категории спортисти и да поттикне мотив за врвни спортски резултати, говори и фактот дека во соработка со Владата на РСМ и Агенцијата за млади и спорт, ќе асистира при доделување на државните спортски објекти и игралишта на Националните спортски федерации и Националниот параолимписки комитет.

Димевски планира воспоставување на ВЕБ-ТВ канал каде ќе можат да се следат директни преноси од сите спортови, што секако ќе придонесе за популаризација на спортот во нашата држава, особено на оние спортови кои не добиаат соодветно медумско присуство а постигнуваат врвни резултати.

Во првата година од својот мандат, Димевски планира зголемување на буџетот на ОКСМ за 20%, а секоја наредна година за уште 5%, средства кои ќе бидат обезбедени од спонзори на ОКСМ и поддржувачи на спортот, а ќе бидат користени за поддршка на спортот во РСМ.

Димевски во својот мандат, ОКСМ планира да го отвори за македонската јавност со цел да добие уште повеќе поддржувачи и фанови на нашите спортитсти. Планира да воведе „Фан шоп“ и членски картички наменети за спортисти, спортски работници и поддржувачи на спортот, кои ќе имаат можност за многу бенефити користејќи ја оваа картичка.

Целата програма на Димевски можете да ја прочитате на овој ЛИНК.

Војнеска Зикова смета дека Олимпискиот комитет треба да биде највисока спортска асоцијација во земјава, современо конципирана, организирана и поддржана од сите меѓународни и домашни авторитети. Таа ќе се залага за организациона консолидација на спортот, транспарентност и спречување на корупцијата во ОКСМ, грижа и поддршка на програмите на потенцијалните олимписки кандидати итн.

Целата програма на Војнеска Зикова можете да ја прочитате на овој ЛИНК.

Изборот за нов претседател на Олимпискиот комитет на Македонија треба да означи почеток на нова ера во домашниот спорт. На последните Олимпијади нашите претставници претежно учествуваа со специјални покани, без обезбедени норми што во иднина не треба да биде случај.