Дарио Ивановски прв фаворит на полумаратонската трка на Виз Ер Скопски маратон

819

Македонскиот атлетичар Дарио Ивановски, кој мината година победи на Виз Ер Скопски маратон на полумаратонската трка важи за прв фаворит и за триумф на утрешната полумаратонска трка. Ивановски лани 21,1 километра истрча за 1:11.27 час, а се наоѓа во добра форма што покажа со одбраната на првото место на Белградскиот маратон (полумаратонска трка) со време 1:08.03 час.

  • Не ми преостанува ништо друго освен да го дадам најдоброто од мене и на домашен терен да го повторам минатогодишниот резултат. Ќе треба секако добро да ги распоредам силите за време на трката, иако за мене секогаш е најважно на секоја следна трка да бидам подобар, истакна Ивановски.

Самодовербата кај македонскиот атлетичар е голема и сите очекуваат повторување на ланското прво место и секако доколку постојат услови и за напад на македонскиот рекорд на полумаратон.

Во оваа конкуренција секако ќе треба да се обрне внимание и на уште двајца македонски натпреварувачи Милош Ранчиќ (третопласиран на полумаратонот во Белград 2018) и Атанас Анчевски, додека кај жените се очекува во прв план да Андријана Поп Арсова и Миљана Ристиќ.

Што се однесува до маратонската трка главната борба за првата позиција ќе биде меѓу атлетичарите од Кенија, кои се фаворити во двете конкуренции. Од македонските натпреварувачи во маратон борба се очекува меѓу повеќекратниот шампион Александар Кираџиев, Кокан Ајановски, Игор MC Јакимовски (тренер на Дарио Ивановски), кај мажите и Весна Кираџиева и Биљана Кираџева кај жените.

Промотерката на годинашниов Скопски маратон Британката Пола Редклиф, ќе биде дел од трката на 5 километри, каде илјадници рекреативци ќе бидат дел од оваа спортска манифестација. Повеќе од 10.000 учесници од 58 држави ќе бидат дел од 14.то издание на Виз Ер Скопскиот маратон. На трката ќе има и „пејсери“ кои ќе бидат задолжени за остварување на времиња (1:45 час; 2:00 часа; 2:15 часа и 2:30 часа).

Стартот на маратонската, полумаратонската и штафетниот маратон е во 8.30 часот, а во 8.45 часот ќе стартува трката на 5 км.