Иванишевиќ го предупреди Ѓоковиќ: Златото не секогаш го освојуваат најдобрите, Федерер е пример

Новак Ѓоковиќ во пресрет на патот кон Токио истакна дека е подготвен да го одигра својот најдобар тенис на Олимписките игри.

„Најдобриот можен начин за заминување од Белград е оваа поддршка од медиумите и својот народ. Имам најголеми амбиции, одам на златото, тоа не е тајна. Тоа е голема цел, голема амбиција уште пред почетокот на оваа сезона, четири Гренд слем трофеи и медал на ОИ“, изјави Ѓоковиќ на прес-конференцијата пред заминувањето за Токио.

Меѓутоа, неговиот тренер, легендарниот Горан Иванишевиќ, предупредува дека треба да биде внимателен бидејќи Олимпијадата е специфично натпреварување.

„Шампионите на Олимписките игри не мора секогаш да бидат најдобрите играчи, понекогаш има и неочекувани победници. Се стана потешко за предвидување. Атмосферата е поинаква кога играте за својата земја“, изјави Горан, па го посочи Роџер Федерер како пример со оглед на тоа дека му недостасува злато во сингл, а има сребро од Лондон и злато во двојки со Вавринка во Пекинг.

„На Федерер се уште му недостасува олимпиското злато, веќе освои се што можеше да се освои. Ако еден ден тоа го направи, ќе може на раат да оди во пензија“, изјави Иванишевиќ кој има две бронзи од Барселона 1992.