Италијанците пренесуваат, Хакими пет години во Интер

Иако се уште се исчекува официјалната потврда на трансферот, речиси сите угледни италијански медиуми јавуваат дека Ашраф Хакими ставил потпис на договорот со Интер.

Овој млад десен бек утринава слета во Милано со цел да ги мине лекарските прегледи пред да го направи трансферот во редовите на „Нероазурите“, а италијанските медиуми во последниов час пренесуваат дека се поминало во најдобар ред и дека младиот бек веќе го ставил потписот на договорот.

Италијанците пренесуваат дека Мароканецот потпишал петогодишен договор, односно до 2025 година. Според договорот ќе заработува пет милиони евра на годишно ниво, што ќе го направи еден од најплатените играчи во Италија.

За потсетување, Интер за него плати 40 милиони евра плус пет милиони евра во бонуси. Информациите велат дека во договорот Реал нема вградена откупна клаузула за овој играч, што покажува дека Интер успеал да направи одличен потег.

21-годишниот фудбалер во претходните две сезони престојуваше на позајмица во Дортмунд каде пружаше одлични игри па летово голем број клубови се заинтересираа за него, но Интер на крајот, без многу помпа, успеа да го доведе во своите редови.

Наскоро се очекува „Нероазурите“ на официјалниот сајт да го потврдат трансферот.