Историски пласман на ЦЕВ ранг листата за машката одбојкарска селекција по настапот на ЕП

Македонската машка одбојкарска репрезентација го оствари најдобриот пласман во историјата, откако на најновата ранг листа на ЦЕВ, скокна две места и сега е 21-ва континентална сила.

Причина за овој напредок е одличниот настап на Европското првенство годинава, на коешто иако беа дебитанти, црвено-жолтите се најдоа на прагот на влез во осминафиналето. Победите над Белорусија и над сребрената Словенија во групната фаза, на македонските одбојкари им го донесоа пласманот на 17-тото место во конечното рангирање на континенталниот собир на којшто првпат учествуваа 24 репрезентации.

На врвот на листата е Србија која го освои златниот европски медал, а зад неа е првакот во Лигата на нации, селекцијата на Русија. Полјаците се трети, Французите четврти, а во првата петка е и Италија. Белгија е шеста, Словенија се наоѓа на седмото место, а Финска и Турција од коишто загубивме на Европското првенство во групната фаза во Љубљана, котираат во врвот од селекциите во втората десетка. Финска е 12-та, а Турција 13-та.

Најновото рангирање на ЦЕВ е уште една потврда за одличниот резултат на македонските одбојкари на Европското првенство 2019.