ИНТЕРВЈУ СО ДЕЈАН ГЕОРГИЕВСКИ: Одам на медал во Токио

На почетокот на мај, таеквондистот Дејан Георгиевски стана вториот македонски спортист кој обезбеди пласман на Олимписките игри во Токио.

Подоцна му се приклучија уште шестмина, но тој беше прв кој по подолго време обезбеди А-норма, односно се пласираше без специјална покана. На неколку дена пред почетокот на Олимпијадата, Георгиевски се наоѓа во одлично расположение и со нетрпение го очекува најголемиот настан во својот живот.

– На само 22 години веќе сте олимпиец. Какво е чувството да ја претставувате Македонија на најголемиот спортски настан во светот?

„Тоа тешко може да се опише со зборови. Најважно во моментов ми е да не мислам на големиот успех, туку да се фокусирам исклучиво на денот на борбите. Откако ќе заврши мојот настап, со својот тим ќе анализираме и ќе размислуваме што постигнавме.“

– На спектакуларен начин ги поминавте квалификациите. Какви се амбициите на ОИ, можете ли до медал?

„Се разбира дека е можен и одам на медал. Квалификациите беа одлични, знаете кој се ми застана на патот, но ги поминав сите и обезбедив пласман на Олимпијадата.“

– Како поминаа подготовките? Ги анализирате ли можните противници?

„Анализата ја прават моите тренери, тие детално анализираат, многу прецизно и согласно тоа правиме наши планови и тактики за настап. Тоа е многу важен дел во моите борби.

Подготовките поминаа одлично, бевме 12 дена во Крушево, 12 дена во Охрид и финалните подготовки ги направив во мојот матичен клуб Бутел заедно со тренерите и моите спаринг-партнери.“

– Ја чувствувате ли поддршката на спортската јавност во земјава?

„Ја чувствувам иако можеби треба да биде на нешто повисоко ниво. Ќе се потрудам да ја израдувам македонската нација и да донесам медал.“

– Кога стигнавте во Токио? Ќе имате ли доволно време за адаптација?

„Тука сме од 17 јули. Ќе имаме десетина дена за адаптација кои верувам дека ќе бидат доволни.“

– За оние што не го знаат Георгиевски, како се движеше вашата професионална кариера?

„Во 2017 година го освоив првиот златен сениорски медал во олимписки спорт откако Македонија е независна држава. Имам сребро од сениорски Европско првенство, сребро од Медитерански игри, две бронзи од Европско првенство У21 и едно сребро од сениорско клупско Европско првенство.“