Интер пред 15 дена продаде напаѓач и сега пак го купува

Судбината чудно си поигра со Андреа Пинамонти. Младиот напаѓач на Интер пред само 15 дена беше продаден во Џенова за 19.500.000 евра, само за „Нероазурите“ денеска повторно да го откупат.

За што станува збор?

Пинамонти минатата сезона замина на позајмица во Џенова со тоа што „Грифоните“ имаа обврска да го откупат за 19.500.000 евра, што на 1. септември и го направија. Меѓутоа, Интер при договарањето на позајмицата го задржа правото 21-годишниот фудбалер, кого повремено го следеше и Јувентус, да го откупи назад за истите пари што по се изгледа и ќе го направи.

Така пишува угледната „Газета дело Спорт“ додавајќи дека задачата на Пинамонти ќе биде „да изврши притисок“ врз Лаутаро Мартинез и Ромелу Лукаку, кои секако ќе имаат предност. Ќе мораат сепак и тие некогаш да одморат, ќе има и повреди, па оттаму – Пинамонти.

За улогата на трет шпиц во Интер ќе биде награден со договор од 3.000.000 евра годишно.

Толку имаше и во Џенова за која минатата сезона постигна пет гола во Серија А и уште два во Купот. Но, очигледно во Милано процениле дека неговото време допрва доаѓа.