Индивидуалните признанија за септември отидоа во Јунајтед

Пред градското дерби против Манчестер Сити, атмосферата ја кренаа наградите што денеска ги добија Ерик Тен Хаг и Маркус Рашфорд.

Холандскиот стручњак е прогласен за менаџер на месецот септември, а Рашфорд за играч на месецот во Премиер лигата. Интересно е тоа што наградите ги добија со само два одиграни натпревари во септември иако Јунајтед триумфираше на двата. Победени беа Лестер на гости и Арсенал на домашен терен, а Рашфорд постигна два од трите гола на дуелот со „топчиите“.

Поради смртта на Кралицата Елизабета, одложени беа двата следни меча на Јунајтед, а потоа дојде репрезентативната пауза, па натпреварот в недела против Манчестер Сити ќе биде прв за „ѓаволите“ по речиси еден месец.