Има ли причина за страв во Ферари: Уште пред трката пријавено „сомнително гориво“ во болидот на Леклер

Шарл Леклер денеска трката во Абу Даби ја заврши на третото скалило од подиумот, каде имаше маки на крајот да ја задржи позицијата од заитаниот Ботас, кој заврши само на секунда зад него.

Но возачот на Ферари сега може да се најде во сериозни проблеми, доколку ФИА утврди дека навистина имало нерегуларности во неговиот болид уште пред трката.

Техничкиот делегат на ФИА, Џо Бауер уште пред трката пријави до стјуардите дека забележал значителна разлика помеѓу декларираното количество на гориво во болидот и она што е детектирано во резервоарот.

Судиите одлучија со тоа да се позанимаваат по трката, а ако навистина се утврди дека Ферари работи на некој нелегален момент со гориво во болидот, можат да бидат дисквалификувани, вклучително и Леклер.