Ив Бисума (27), играчот од средниот ред на репрезентацијата на Мали и на англискиот Тотенхем, е во фокусот на бизарен скандал пред почетокот на новата сезона во Премиер лигата.
Бисума дојде во лондонскиот клуб во летото 2022-та од Брајтон во трансфер вреден 30 милиони евра и досега одигра 56 натпревари за Тотенхем. Претходно играше и за францускиот клуб Лил. Неговиот договор е до летото 2026 година, а Трансфермаркт неговата вредност ја проценува на 35 милиони евра.
Бисума објави видео на својот профил на Снапчет (Snapchat) на кое се гледа како вдишува азотен оксид (т.н. гас за смеење) во лимузина со возач и како се смее меѓу вдишувањата.
Звучи помалку наивно и бизарно, но поседувањето гас за смеење со намера да се користи за забава беше забрането во Веика Британија минатата година и поради тоа Малиецот ќе има проблеми со правосудниот систем. Најверојатно ќе добие парична казна, но можна е и затворска казна до две години.
Веста доаѓа само една недела пред почетокот на сезоната во Премиер лигата во која Тотенхем се среќава со Лестер, следниот понеделник.
Бисума очигледно не знаел дека прави нешто недозволено, но тоа нема многу да му помогне. Тој се извини синоќа, велејќи дека тоа е сериозен пропуст во расудувањето.
– Разбирам колку е сериозно ова и кои се ризиците по здравјето, и многу сериозно ја сфаќам мојата одговорност како фудбалер и како пример, рече Бисума.
Во меѓувреме се огласи и неговиот клуб, Тотенхем, за „Сан“: „Ги разгледуваме настаните. Ова ќе се решава внатрешно“.
Употребата на гас за смеење не е забранета без причина, туку затоа што се забележани многубројни случаи со здравствени последици, вклучително и срцев удар.
Минатиот мај беше откриено дека неименуван играч од Премиер лигата завршил во болница откако го користел контроверзниот гас.
Не е прв пат летово Бисума да се споменува надвор од фудбалски контекст, но тогаш тој не беше виновен. На почетокот од јуни тој беше жртва на насилен грабеж во Кан.
Играчот од средниот ред на Тотенхем бил нападнат додека се враќал од забава со својата партнерка околу 4 часот наутро. Двајца со качулки го нападнале пред неговиот автомобил паркиран пред хотелот.
Малиецот се обидел да се сокрие во автомобил, но напаѓачите го испрскале со солзавец и му украле часовник вреден околу 300.000 евра. Бисума и неговата девојка минале без посериозни повреди, но веднаш се вратиле во Англија, иако планирале да останат уште неколку дена.