И покрај се, оваа сезона за Ѓоковиќ е – неуспешна!

Кога некој на еден месец пред официјалниот крај на тениската сезона има биланс 37-2, тешко е да се каже дека не бил успешен.

Но, тоа е само кога се гледа по површината, а не и во сржта на „проблемот“. Во случајот со Новак Ѓоковиќ, без никаква грижа на совест може да се констатира дека скратената сезона 2020 не е според неговите планови и дека таа е неуспешна. Можеби освои пет трофеи од кои еден Гренд слем и два Мастерса, но ако се земе предвид се она што се случуваше, Србинот не може да добие максимална, дури ни преодна оценка.

Причините се едноставни. За разлика од неговите најголеми ривали, тој играше на сите турнири од рестартот на сезоната, а триумфираше само во Синсинати и Рим каде, реално, немаше соодветен ривал, а и тој беше во најдобра форма затоа што останатите долго беа во карантин и без можност за тренинзи. Се разбира, не е тој виновен што во Синсинати, Тим и Зверев испаднаа во второто коло, но сите кои учествуваа на турнирите по рестартот на сезоната беа далеку од вистинската форма.

Во Рим му беше уште полесно затоа што Надал не учествуваше, исто како Тим и Зверев, па Ѓоковиќ на патот до титулата совлада имиња кои во нормални услови не би стигнале ни до трето коло: Карузо, Крајиновиќ, Кефер, Руд и Шварцман. Турнирот повеќе наликуваше на некој сателит, отколку еден од најсилните Мастерси на земјена подлога.

Во Њујорк беше дисквалификуван во четвртфиналето затоа што удри судија со топче, а на „Ролан Гарос“ беше прегазен од Надал кому ова му беше прв настап на турнир по пауза од осум месеци. Кога се ќе се стави на куп, премалку од единствената суперѕвезда на АТП турот која учествуваше на сите големи турнири.

Извесно е дека тој ќе ја заврши годината како првопласиран, а и дека ќе го собори рекордот на Роџер Федерер по бројот на недели поминати на првото место, но во вакви услови и тоа ќе биде премалку. Според квалитетот, Ѓоковиќ мораше да освои повеќе, особено поради тоа што во пресрет на финалето во Париз го сметаа за огромен фаворит во дуелот со Надал.

До крајот на сезоната остануваат уште Мастерсот во француската престолнина кој почнува на 2 ноември и завршниот турнир во Лондон две недели подоцна. Што и да се случи, не може да го поправи впечатокот за првиот светски рекет.