И бековите не се како порано: Лам, Зинченко, Стоунс, Александер-Арнолд предводници на промените

Бековската позиција најмногу еволуираше во фудбалот во минатата деценија. Ерата на бекови на кои се гледаше само како на споредни играчи одамна е минато. Бековите имаат се’ поголем удел во играта кога нивниот тим е во посед на топката, во подготовката на нападите, но и во завршницата.

Новата улога на бекот се состои во тоа кога нивниот тим ја има топката да играат централно како дел од средниот ред. Такви играчи во Премиер лигата се Џон Стоунс, Олександр Зинченко и Трент Александер-Арнолд, наведува „Би-би-си спорт“..

Поранешниот бек на Германија и на Баерн Минхен, Филип Лам беше еден од првите кои беа користени како т.н. „некласичен бек“, Лам освои 21 голем трофеј со Баерн, вклучувајќи ја Лигата на шампиони (ЛШ) и Светското првенство (СП).

-До пред 20-на години, бековите во нападот се користеа само за нафрлување од страничните позиции. Постепено тоа се промени поради влијанието на тренерите како Пеп Гвардиола., вели Лам.

Преместувањето на бекот повнатре го трансформира средниот ред, од 4-3-3 во нова формација што наликува на 3-2-2-3. Иако позиционирањето е слично, тренерите сега ги користат бековите со различни намери.

Менаџерот на Арсенал, Микел Артета најчесто Зинченко од лев бек во одбрана го трансформира во играч за врска за да ја искористи неговата прецизност при додавањата. Зинченко одигра 27 натпревари во Премиер лигата минатата сезона.

Притоа имаше најмногу додавања (64), најмногу додавања во противничката половина (38), најмногу додавања во последната третина од теренот (26). Исто така имаше и најмногу допири со топката (92) за 90 минути игра, повеќе од кој било играч на Арсенал.

Менаџерот на Ливерпул, Јирген Клоп, го трансформира Александер-Арнолд од десен бек во играч на средниот ред, од април лани. Но улогата на Александар-Арнолд е многу поразлична од онаа на Зинченко.

Целта на Клоп е да го доведе својот главен креативен додавач во повеќе централни области за да има поширок опсег на агли од кои може да ги направи долгите и прецизни додавања.

Ангелос Постекоглу ја однесе тактиката уште еден чекор понапред со вклучувањето на двата бека на Тотенхем во средниот ред. Една од целите е да ги повлече двете противнички крила кон средината за да ги притиснат неговите бекови, што отвора простор за додавања до неговите крилни играчи.

Често занемарен аспект на новата улога на бековите е како тоа влијае на одбранбениот дел од нивната игра. Кога ќе се загуби топката, бекот мора да брани поголеми централни простори.

– Потребна е и одредена доза на ментална брзина. Секогаш станува збор за предвидување на ситуациите и за движењата на топката. На ова ниво, речиси се нема време за размислување, истакнува Лам.

Гвардиола направи дополнително промени во оваа сезона и сега турка еден од централните бекови, Мануел Аканџи или Стоунс, во средината на теренот.

Предноста на ова во споредба со променетата бековска улога е тоа што е пократок просторот и времето централниот бек да ја смени позицијата помеѓу фазата на одбрана и фазата на градење на играта.

 

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО