Хрватите се главни на трансфер-пазарот: Хајдук заработи 11 милиони евра за 16-годишен фудбалер

Динамо долго време рушеше рекорди во балканскиот фудбал по трансферите и нивните суми, а полека во тоа му се придружува најголемиот ривач Хајдук.

Сплитскиот тим го договори преминот на 16-годишниот Лука Вушковиќ во Тотенхем за рекордна сума од 11 милиони евра. Досегашен рекорд на Хајдук беше трансферот на Никола Влашиќ во Евертон за 10,8 милиони евра, но тука се работеше за готов фудбалер кој веднаш заигра во Премиер лигата.

Вушковиќ ќе остане на позајмица во Хајдук до 2025 година, а потоа ќе замине на Островот во надеж дека ќе ја повтори кариерата на Лука Модриќ кој од Динамо се пресели во Тотенхем и стана еден од најдобрите светски фудбалери во претходните 15 години.