Хамилтон триумфираше во најлудата трка на сезоната, драма со Ферстапен до самиот крај

Возачот на Мерцедес, Луис Хамилтон, победник е на Големата награда на Саудиска Арабија. Тоа е неговата 103-та победа во кариерата. Во лудата трка заврши пред главниот конкурент за титулата, Макс Ферстапен, со кого сега се израмни во генералниот поредок. Трет заврши Валтери Ботас кој на самиот крај го претекна Естебан Окон.

Вистинското лудило настапи во 10-тиот круг кога својот болид го разби Мик Шумахер. На патеката излезе безбедносното возило, а Хамилтон и Ботас, во тој момент двајцата водечки возачи, одлучија тоа да го искористат за да заминат во бокс. Ферстапен одлучи поинаку и го презеде првото место.

Тоа се покажа како мошне спретен, но и среќен потег бидејќи во 13-тиот круг трката беше прекината поради инцидентот на Шумахер, па Ферстапен за време на паузата ги промени гумите. Само што започна трката, Хамилтон и Ферстапен водеа голема борба за првото место, а тимскиот колега на Шумахер, Никита Мазепин, исто така го разби својот болид и трката повторно беше прекината.

Во новиот рестарт на трката од првото место тргна Естебан Окон, од второто Хамилтон, а од третото Ферстапен, но возачот на Ред Бул на стартот ги претекна двајцата.

Тоа не беше крајот на лудите настани. Ферстапен и Хамилтон водеа голема борба и во 37-миот круг Холанѓанецот го одби нападот на возачот на Мерцедес така што ја пресече патеката, па потоа беше одлучено дека сепак ќе мора да го препушти првото место на Хамилтон. Ферстапен забави за да го направи тоа, но Хамилтон тоа не го сфати и се удри во него и го оштети предното крило.

На крајот од 42-риот круг Ферстапен повторно доби упат дека мора да ја препушти позицијата на Британецот. Повторно го направи тоа, а потоа и веднаш го претекна, но доби казна од пет секунди. Набрзо потоа Хамилтон го претекна без никакви контроверзи.

Така, одлуката за шампионот ќе падне следниот викенд на Големата награда на Абу Даби. Хамилтон денес го имаше и најбрзиот круг па затоа доби дополнителен бод и така се израмни со Ферстапен.