Хамилтон останува верен на Мерцедес за 40.000.000 фунти годишно!

Луис Хамилтон, седумкратниот шампион во Формула 1, ја продолжи соработката со Мерцедес до крајот на 2022 година. Според пишувањата на британските медиуми, верноста на најтрофејниот пилот во најбрзиот циркус на планетата, заедно со Михаел Шумахер, ќе ја чини екипата 40.000.000 фунти годишно, односно 5.000.000 повеќе од она што Британецот го заработуваше досега.

Ваквиот епилог е очекуван, бидејќи Хамилтон на крајот од минатата сезона јасно истакна дека не сака да го менува тимот во кој од 2013 година освои шест од седумте титули.

„Планирам да бидам тука следната сезона. Мислам дека ние како тим мораме уште повеќе да работиме заедно со цел повеќе да постигнеме во нашиот спорт, така и надвор од него“, изјави Хамилтон по завршувањето на минатогодишниот шампионат.

Сега стави потпис на еден од последните договори без парични ограничувања кои започнуваат од 2022 година.

Мерцедес исто така потврди дека Тото Волф ќе остане шеф на тимот и извршен директор во следните три години, по реструктуирањата на сопствеништвото. Инеос, во сопственост на најбогатиот човек во Британија, Џим Ретклиф, кој стана тимски партнер кон почетокот на оваа година, сега го зголеми својот удел на 33 проценти колку што имаат Волф, кој исто така докупи три проценти, како и компанијата Дајмлер која го намали својот удел од 60 проценти.

„Задоволен сум што почнуваме ново поглавје во Мерцедес. Овој тим за мене е како семејство. Заедно поминавме толку подеми и падови што не можам да замислам да работам со подобра група на луѓе“, порача Волф.