Хамилтон: Ќе ми побеле косата до крајот на сезоната

Луис Хамилтон, актуелниот светски првак во Формула 1, смета дека Ред Бул во следните трки би можел да биде уште побрз од неговиот Мерцеедс.

Хамилтон славеше на првата трка во сезоната во Бахреин, но со доста среќа бидејќи Макс Ферстапен беше побрз во квалификациите и во поголемиот дел од трката, а на неколку круга пред крајот Британецот го загуби и лидерското место, но потоа се врати на истото, откако Ферстапен доби наредба да го пропушти Хамилтон поради излегување од патеката.

Мерцедес во Бахреин за прв пат по осум години остана без пол позицијата во првата трка во сезоната. Британскиот возач ја најави една од највозбудливите сезони во последните неколку години. Последен пат Хамилтон во 2016 година имаше вистински ривал во борбата за титулата, а и тоа тогаш беше неговиот клупски колега Нико Розберг.

„Многу сум возбуден и пресреќен сум поради навивачите, драго ми е што сите се возбудени околу борбата за шампионската титула. Мислам дека тоа е нешто што навивачите го сакаа подолго време. Со брзината која Ред Бул ја има, би можел да биде уште повеќе пред нас, но ние напорно ќе работиме со цел да се обидеме да бидеме блиску до него во таа борба“, изјави Хамилтон и најави големи дуели со Ферстапен и клупскиот колега Валтери Ботас.

„Се надевам дека ќе имам многу блиски трки со Макс и Валтери. Многу трки има до крајот, дури 22! Ќе ми побеле косата до крајот на сезонава“.