Хамилтон исвиркан во Унгарија: Ова само ме мотивира

Луис Хамилтон во Мерцедес беше најбрз во квалификациите за Големата награда на Унгарија, 11-тата трка од Формула 1 оваа сезона.

Со ова, Хамилтон ја освои својата 101-ва пол позиција во кариерата, во неделната трка ќе има шанса да дојде до стотата победа во Формула 1.

Хамилтон со 99 победи е најуспешниот возач во историјата. Зад него е Михаел Шумахер со 91, а трет е Себастијан Фетел со 53 победи.

Хамилтон гласно беше исвиркан во текот на квалификациите за утрешната трка, а тој саркастично прокоментира дека ја цени таквата поддршка и дека истата го мотивира за понатамошни успеси.

„Ова е спорт, зарем не? И луѓето се однесуваат како што сакаат. Не си го сфаќам при срце. Веројатно правам правилни работи штом сум на врвот. Ова беа одлични квалификации“, изјави Хамилтон, додека Валтери Ботас беше повеќе погоден од свирежите за неговиот колега.

„Овие луѓе треба да се преиспитаат себе си, ова не е во ред“.

Второ најдобро време во квалификациите имаше клупскиот колега на Хамилтон, Валтери Ботас. Трет беше Макс Ферстапен од Ред Бул, водечкиот во генералниот поредок, а четврт најдобар резултат оствари Серхио Перез (Ред Бул).

Во вкупниот поредок водечкиот Ферстапен има 185 бода, следува Хамилтон со 177, додека на третата позиција е Ландо Норис од Мекларен со 113 бода.