Гвардиола од свој џеб им исплатил 600.000 евра бонуси на вработените во Сити!

Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола (53) направил голем гест во знак на благодарност до вработените во клубот за одличните резултати минатата сезона, кога четврти пат по ред беше освоена титулата во Премиер лигата.

За секој член на помошниот персонал Гвардиола одвоил по 10.000 фунти (11.896 евра) од свој џеб. Вкупната сума на исплатените бонуси на Гвардиола изнесува околу 600.000 евра, јавува „Би-би-си“.

Подарокот бил за сите вработени во Сити во зградата на првиот тим на клупската фудбалска академија во рамките на кампусот Етихад, вклучувајќи рецепционери, чувари, физиотерапевти, келнери и друг персонал.

Менаџерот на Сити честопати прес-конференциите пред натпреварите ги користи за да го истакне поширокиот придонес во создавањето на тимот кој постојано ги исполнува високите стандарди кон кои клубот се стреми секоја сезона.

Лани Сити стана првиот тим во англискиот фудбал кој ја освоил шампионската титула четири сезони по ред, а во седмата последователна сезона во Лигата на шампиони (ЛШ) стигна до четвртфиналето.

Гвардиола е тренер 16 години, а само три години нема освоено титула. Со Манчестер сити освои се’, исто како и со Барселона претходно, но со Баерн не успеа да ја освои ЛШ.

Гвардиола, несомнено еден од најдобрите тренери/ менаџери досега, деветта последователна сезона е во Сити. Во англискиот клуб тој остана значително подолго отколку во Барселона (четири години) и во Баерн (три години).

Многубројни медиуми прогнозираа дека тој би можел да замине во 2025 година, кога ќе му истече договорот, а се споменуваше дури и дека тогаш може да ја преземе англиската репрезентација.

Сепак, самиот Гвардиола повторно навести дека би можел дополнително да го продолжи престојот во Сити, што секако не е вест што ќе ги развесели ривалските навивачи во Англија.

За време на подготовките во САД, Гвардиола изјави: „Ако го сакаш она што го работиш, зошто би прекинал? Го сакам тоа, исто толку сега како и кога бев ангажиран. Затоа, да продолжиме натаму“.

Сити успешно ја отвори сезонава. Прво го освои „Комјунити шилд“ победувајќи го Манчестер јунајтед на „Вембли“ по подоброто изведување пенали. Во првите две кола од новата сезона во Премиер лигата, Сити забележа две победи, над Челси на гости со 2:0 и дома против Ипсвич, 4:1.

ПОВРЗАНИ НОВОСТИ





НАЈНОВО