Ракометната федерација на Македонија (РФМ) пред два дена за нов (ВД) Селектор на женската сениорска репрезентација го именуваше Кристијан Грчевски. Младиот стратег кој оствари одлични резултати со Бутел пред себе има нов предизвик, а доаѓа како наследник на Љубомир Савевски, веќе поранешниот предводник на дамите.
Откако беше именуван на новата функција, Грчевски во разговор за „Спортклуб“.мк ги истакна првите очекувања.
-Пред се сакам да се запознаам лично со девојките, да пробаме да направиме една добра атмосфера и да бидеме сите среќни и задоволни. Основна цел е да се вратиме на едно големо натпреварување преку квалификации после подолго време.
-Ќе пробам да сменам неколку работи за кои ќе биде малку тешко со оглед на краткиот период сега, но за понатаму ќе бидеме веќе запознаени како девојките со мојот стил, така и јас со нивните можности, вели Грчевски.
Како што беше објавено нему во стручниот тим ќе му помагаат две реномирани светски ракометни имиња, Ања Алтхаус и Едуарда Амоурим Талеска.
-Секогаш е добро да се има во стручниот штаб имиња кои навистина го познаваат ракометот и кои можат да направат многу за македонскиот ракомет. Се надевам на навистина добра соработка, одлична атмосфера за работа и на крај успеси секако, завршува новиот селектор.
Како што е познато изминатото лето Грчевски беше предводник на македонската женската кадетска ракометна репрезентација.
Сениорската женска репрезентација на Македонија ќе биде дел од групата 5 заедно со репрезентациите на Литванија, Шпанија и Азербејџан во квалификациите за пласман на ЕП 2024 во Австрија, Унгарија и Швајцарија во октомври 2024 година. Квалификациите започнуваат октомври оваа година, а прв противник на нашата репрезентација ќе биде Азаербејџан.