„Граѓаните“ ќе се тресат уште малку, судбината на Сити ќе биде позната на 13 јули

Манчестер Сити на 13 јули ќе ја дознае конечната пресуда околу исфрлањето на тимот од европските натпреварувања.

Европската фудбалска федерација (УЕФА) во февруари ги казни „Граѓаните“ со забрана за настап во европските натпреварувања во следните две сезони поради кршење на финансискиот фер-плеј, а покрај исфрлањето, казнети се и со 30 милиони евра.

Очекувано, раководството на англискиот клуб ведна упати жалба до Судот за спортска арбитража во Лозана. Тридневното сослушување беше направено минатиот месец, а конечната одлука за судбината на тимот од Манчестер судот ќе ја донесе за 12 дена.

Пресудата во овој случај ќе биде јавно објавена на 13 јули и тогаш конечно ќе се знае дали Сити ќе биде официјално исфрлен од Европа или казната на УЕФА на крајот ќе биде укината.

Тоа секако ќе бидат 12 долги дена за навивачите на овој клуб, но и за играчите кои нетрпеливо ја чекаат одлуката.