ГОТОВО Е: Ѓоковиќ ќе го собори рекордот на Федерер

Поразот на Рафаел Надал од Данил Медведев во полуфиналето од завршниот Мастерс во Лондон му направи голема услуга на првиот светски рекет Новак Ѓоковиќ.

Шпанецот пропушти шанса да му се доближи на АТП листата, а моменталната разлика му гарантира на Ѓоковиќ дека ќе остане на првото место најмалку до 8 март. Тоа е доволно да го собори рекордот на Роџер Федерер по бројот на поминати недели на челната позиција на АТП листата кој Швајцарецот го постави пред околу три години.

На Ѓоковиќ му требаа девет недели на првото место, но сега доби околу 3,5 месеци или 15 недели со што ќе постави рекорд кој веројатно многу долго ќе остане на сила, имајќи го предвид квалитетот на сегашните тенисери кои се меѓу првите во светот.