Ѓоргоноски: Само 9-10 играчи имаа улога во тимот, но што добија младите „посматрачи“ од ова ЕП?

Во отвореното студио на ТВ Телма, по натпреварот, своја анализа и видување даде и поранешниот ракометар, Горан Ѓоргоноски.

Мислам дека е прерано да се зборува за било што околу Данило Брестовац, мислам дека неговата изјава е малку избрзана и дадена во афект, ако тој е поставен како селектор на долги патеки пред извесен период, мислам дека без разлика на тоа каков земјотрес ни се случи вечерва, треба добро да се размисли. Сепак, една сериозна репрезентација не смее да си дозволи така лесно смена на селектори“.

„Ете и капитенот спомна во изјавата, мора да одиме напред, во секоја ситуација ако не одите напред, значи дека се враќате назад. Може да дојде и до комплетно ресетирање по ова ЕП, но не знам што добро ќе ни донесе тоа. Овде на ова ЕП дојдовме со 18 или 20 играчи, од кои 9 или 10 имаа голема улога, останатите беа само посматрачи од клупа. Во иднина тука треба да се бара концептот, во селектирањето на играчите за репрезентација“.

„Не знам младите кои беа на клупа на ова ЕП, какво искуство добија по ова првенство. Ако се решиме за подмладување на селекцијата, треба да сме свесни дека ваков почеток на годината ќе го имаме во иднина се помалку. Јас уште на почетокот бев благ песимист околу ЕП, некои можеби и ќе ме обвинуваат, но ова сега покажа дека имаме многу играчи кои настапуваат во странство, посебно во Бундеслигата, кои сега не играат на потребното ниво, како што играа некогаш во Металург. Вие да не го искористите влијанието на терен на еден Кире Лазаров е навистина жално“, порача Ѓоргоноски.