Ѓорѓиев: Тешка група, но ние сме во кремот на одбојката и тоа е место каде што заслужуваме

Капитенот на македонската одбојкарска селекција, Никола Ѓорѓиев ја даде првата изјава по ждрепката за Европската златна лига 2020. За противници нашите „спартанци“ ги добија Турција, Чешка и Португалија.

„Ова е тешка група, но на ова ниво лесна воопшто нема. Ние сме во кремот на одбојката и тоа е местото каде што заслужуваме да бидеме. Добро е во првиот натпревар ќе бидеме домаќини, ако успееме да победиме, тоа би бил одличен почеток. Секако дека ние не сме фаворити за влез на завршниот турнир, сепак ова не е како во сребрената лига, но имаме екипа којашто што може да направи нова историја доколку сме здрави сите“, вели Никола и додадава:

„Португалија е домаќин на Челенџер купот, па прочитав дека селекторот ќе ја искористи Европската златна лига за да ги провери сите играчи, мојот техничар во Фридрихсхафен е капитен на Чешка, па ќе се обидам да соберам некоја информација и од него, а Турците ги знаеме и се надевам дека ќе им се реваншираме за поразот на ЕП. Мојот сон е три победи дома и една или две на гости, а тоа значи пласман на завршниот турнир. Само да сме здрави”, оптимистички вели капитенот Никола Ѓорѓиев.