Ѓорѓиев: Имаме искуство, знаење и квалитет за две победи над БиХ

Завршни подготовки на македонските одбојкари пред квалификациите за Европското првенство во септември, идентично како нашето дебитантско во 2019-тата, во четири држави и со 24 репрезентации. Иако турнирот во Скопје ќе биде без публика, малата предност на домашниот терен, како и објективниот квалитет, овозможуваат оптимистички пристап пред натпреварите со Босна и Херцеговина и со Турција.

Иако во современиот спорт нема ништо сигурно, претпоставка е дека доколку македонската репрезентација одигра на нивото од еврошампионатот во Словенија, ќе нема сила што ќе постави рампа за наше второ учество во елитното континентално друштво. Против Босна и Херцеговина в понеделник и потоа в четврток потребни се две максимални победи и што подобар биланс против објективно посилната, но не и непобедливата Турција, в среда и в сабота.

„Не би сакал да се опуштиме. Според првичниот список, Босна и Херцеговина изгледа навистина добро, но голем дел од играчите нема да одговорат на повикот на селекторот. Сепак, треба да почекаме и да го видиме нивниот конечен состав. Јас мислам дека првата линија ја знам и сметам дека ние сме поквалитетни од нив. Но без разлика на тоа, треба да играме максимално затоа што знаеме дека најтешко се добиваат добиените натпревари. Имаме искуство, знаење и квалитет за да пристапиме вистински, да оствариме две победи над босанската репрезентација и потоа да се бориме со Турција за првото место во групата“, вели македонскиот капитен Никола Ѓорѓиев.

Турскиот национален состав го мина периодот на подмладување уште пред последото Европско првенство. Во Љубљана Турците славеа со 3-0 во меѓусебниот дуел, а од тој натпревар, сите линии ја задржаа физиономијата, со напомена дека нивната прва ѕвезда, коректорот Лагумџија е побогат за натпревари во италијанската лига, во дресот на Монца.

Примачот Јасин Ајдин од Галатасарај е повреден, но каков и да биде изборот на селекторот Недим Озбеј, Турците се најголем фаворит за првото место на турнирот во арената „Борис Трајковски“, а со тоа и за директен пласман на еврособирот во Полска, во Чешка, во Финска и во Естонија.

На првенството пред година и половина, Турците во осминафиналето загубија од Италија и завршија на 12. место. Ние не стигнавме до елиминациите, но ја совладавме сребрената Словенија, па тоа е доволен показател дека не е претерано да се размислува за сетови, поени или дури и за победа против Турција дома, а со тоа теоретски, можеби и практично, уште наредната недела да биде остварена целта – повторно учество на европско првенство.