Раул Гонзалез, или попознат како Ел Команданте, со задоволство се присеќа на времето минато во Скопје и Македонија.
Тој беше предводник на Вардар во среќните времиња, во сезоната кога Вардар ја освои својата прва шампионска титула, па во своето последно интервју дадено за „Eurohandball“, објасни за убавите моменти кои ги минал во Македонија.
„Времето минато во Вардар за мене беше неверојатно искуство. Во 2016 година бевме елиминирани во битката за фајналфор од Фленсбург, но следната сезона блеснавме. За таа сезона може да се напише цела една книга. Имавме добра сезона, а потоа во Келн ги срушивме Барселона и ПСЖ со еден гол разлика, за европска титула. По шест години, се уште неможам да ви го опишам тој момент“, се присеќа Ел Команданте.
Тој во интервјуто, не заборави и да ги поздрави фановите во Македонија, за кои смета дека се едни од најдобрите во Европа.
„Не бевме фаворити во Келн, бевме мало изненадување, но го направивме тоа. Бевме победници во ЛШ, А во Македонија? Беше тотално лудило, девет од 10 луѓе имаа вклучен телевизор во моментот на финалето против ПСЖ. Бев и селектор на репрезентацијата на Македонија и знам колку им значи ракометот на тие навивачи и луѓе. Кога се вративме во Скопје, имаше преку 100.000 луѓе кои беа на улиците да нè поздрават и да слават заедно со нас. Можам со рака на срце да кажам дека македонските навивачи се најдобри во светот “, гордо се сеќава Раул Гонзалез.