Голманот на Порто и соиграч на Митревски доживеал срцев удар на тренинг

Голманот на Порто и португалската ракометна репрезентација, Алфредо Кинтана, доживеал срцев удар за време на тренинг.

Кинтана за време на тренингот бил „покосен“ од срцев удар, по што експресно му била укажана помош од клупските лекари и е упатен во болница.

Порто ова го потврди преку својот официјален веб сајт, при што се очекуваат подеталните информации околу здравствената состојба на искусниот чувар на мрежата и колега на нашиот репрезентативец Никола Митревски.

Во меѓувреме, португалските медиуми откриваат дека ситуацијата со Кинтана воопшто не е добра, бидејќи тој се бори за живот. Според информациите, тој доживеам застој во работата на срцето предизвикан од срцев удар и се наоѓа на интензивна нега, каде наводно е во критична состојба.

Кинтана за Порто настапува од 2010 година, а дел од португалската репрезентација е од 2014 година.

Инаку, ова е втор голман на Порто кој доживува срцев удар за време на тренинг. Првиот е многу попознат за пошироката јавност и е дел од фудбалската секција на клубот, а станува збор за Икер Касиљас, кој по тој здравствен „инцидент“ ја заврши својата кариера.