Ѓоковиќ со 1000-та победа на АТП Тур до финале во Рим

Најдобриот тенисер на светот Новак Ѓоковиќ вечерва во римски „Форо Италико“ ја оствари својата 1000-та победа во мечевите на АТП Тур, а со победата над Норвежнецот Каспер Руд со 6:4, 6:3 по 12-ти пат во кариерата дојде до финалето на Италијан Опен.

Ѓоковиќ со влегувањето во полуфиналето си го обезбеди останувањето на врвот на АТП листата, а во недела против Стефанос Циципас ќе се обиде да ја зголеми својата предност пред Русинот Данил Медведев, кој следната недела се враќа на теренот во Женева по едномесечната пауза.

За Ѓоковиќ неделното финале ќе биде 125-тото во кариерата и 55-то на турнирите од Мастерс 1000 серијата на која е рекордер со 37 титули.

Циципас до петото финале на Мастерс 1000 турнирите, а прво во Рим, дојде победувајќи го најдобриот германски тенисер Александер Зверев со 4:6, 6:3, 6:3.

Ѓоковиќ против Циципас води со 6:2 во меѓусебни дуели, а славеше и во сите четири меча одиграни на земјена подлога. Но, Гркот во минатогодишниот финален пораз на Ролан Гарос имаше 2:0 во сетови, а во четвртфиналето од римскиот Мастерс по освоениот прв сет испушти водство од 4:2 во вториот и сервираше за победа во третиот сет.