Ѓоковиќ не оди во притвор, новото сослушување закажано за в сабота

Алекс Хок, министерот за имиграција во Австралија, ја укина визата на Новак Ѓоковиќ. Но, најдобриот тенисер на светот нема да се предаде без борба. Правниот тим на српскиот ас се подготвува за вложување на жалба, за поништување на уште една одлука за укинување на визата и да го изведе Хок пред суд.

Австралиските медиуми пишуваат дека на Ѓоковиќ му е порачано дека до разговорот со Министерството за имиграција нема да биде сместен во притвор додека не биде донесена нова правна одлука.

Новото сослушување на Новак Ѓоковиќ е закажано за в сабота, кога деветкратниот шампион на Австралија Опен ќе седне на маса и ќе има разоговор со министерството за имиграција.

Правниот тим на Новак Ѓоковиќ изнесе барање до австралиските власти одлуката за жалба да се донесе најдоцна до недела, што би значело ден пред почетокот на првиот гренд слем во сезоната. Ѓоковиќ на тој начин во случај на нова победа на суд би можел да настапи во првото коло и да излезе на мегдан против својот сонародник Миомир Кецмановиќ.

Доколку српскиот ас во договор со правниот тим одлучи да излезе на суд и се обиде да ја добие новата правна битка, судењето ќе се пренесува преку Јутјуб каналот на Федералниот суд. А, судењето, според пишувањата на австралиските медиуми, повторно би можел да го води Ентони Кели, кој ја поништи првата одлука за укинување на визата на бранителот на титулата во Мелбурн. Доколку одлуката на Алекс Хок не биде поништена, на Новак Ѓоковиќ му се заканува одење во затвор во траење дури и до три години.